Центар за безбедност и приватност

Насоки за родители и старатели

Платформите како Spotify им нудат уникатна можност на родителите и на децата да истражуваат заедно, да наоѓаат едукативни содржини и да слушаат музика. На некои им се нашле плејлистите со приспивни песни за да ги успијат децата, а многу други уживале во споделувањето одредена песна што самите ја сакале на нивна возраст. Последниве години, онлајн-просторот за деца е сѐ поголем, а одржувањето на нивната безбедност може да биде прилично комплицирано.

sc_section_10_alex_holmes_img_alt

Јас сум Alex Holmes и член сум на глобалните советодавни одбори за безбедност на повеќе поголеми компании за друштвени мрежи и ги советувам за нивниот пристап кон безбедноста и онлајн штетите, вклучително и Spotify. Јас сум и заменик извршен директор на непрофитната организација The Diana Award, во спомен на уверувањето на принцезата Дијана дека младите имаат сила да го променат светот. Ја основав програмата за врсничка поддршка Anti-Bullying Ambassadors кога имав 16 години откако бев малтретиран. Како што може да си замислиш, силно сум заинтересиран за справување со сите бариери на среќата и благосостојбата на децата.

Во онлајн светот, секогаш им предлагам на родителите да соработуваат со децата за да бидат безбедни. Разговарајте за типовите содржини што може да ги слушаат и помогнете им да разберат што може да прават ако содржините ги вознемират или ги загрижат. Како дел од посветеноста за одржување на безбедноста на децата, Spotify подолу нуди водич со најновите алатки и функции создадени за децата, вклучувајќи родителски контроли што може да се користат за нивна заштита од експлицитни содржини и начини за пријавување несакани содржини или внимание.

Тешко е да се следат сите различни платформи што ги користи детето, па го поттикнувам секој родител или старател да соработува со своето дете за да го разбере Spotify, видовите на музика што ги слуша детето и начините на коишто комуницира со другите. Исто така, може да биде корисно да размисли за своите дејства кон другите деца и дека треба да обрати внимание на насловите на плејлистите, профилите или фотографиите/прикачените елементи на плејлистите. Поттикни го детето да ги споделува своите плејлисти со тебе, бидејќи тоа може да биде можност за подредување и поврзување и за водење здрав дијалог.

Музиката и звуците се важен дел од начинот на којшто децата учат да се изразуваат и го разбираат светот. Со соодветна поддршка, може да ги користиш алатките како Spotify за да им помогнеш да станат посамоуверени, поотпорни и пољубопитни, истовремено одржувајќи рамнотежа со нивната приватност, слобода и со твојот стил на родителство. Најпосле, разговарањето со детето за ваквите работи е најдобар начин да му покажеш дека си тука да го поддржиш додека учи за дигиталниот свет.

Alex Holmes

Експерт за безбедност на децата

www.antibullyingpro.com

Создавање безбедно доживување за младите

Spotify е дигитална услуга за музика, поткасти и аудиокниги што ти нуди пристап до милиони песни и други содржини од создавачи од секаде во светот. Разбираме дека снаоѓањето во дигиталниот свет може да претставува предизвик за родителите и дека одлуките за тоа кои содржини и доживувања се соодветни за твоето семејство често се лични. За полесно да создадеш доживување што е безбедно и пријатно, создадовме различни важни мерки. Ова се некои од нив:

  • Воспоставување политика на нулта толеранција за содржини што експлоатираат деца и Правила на платформата за забрана на незаконски и/или навредливи однесувања што им нанесуваат штета на децата
  • Користење сигнали за машинско учење и утврдување механизми за пријавување за корисниците за откривање потенцијални прекршувања на политиките и/или правните обврски
  • Тимови што се постојано достапни за прегледување и навремено дејствување против содржините што ги прекршуваат правилата
  • Нудење ресурси за ментално здравје за потенцијално ранливите корисници кога пребаруваат содржини поврзани со самоубиство, самоповредување и нарушена исхрана
  • Обезбедување родителски контроли за управниците со семејните пакети да може да создадат најсоодветно доживување за семејството
  • Проактивно барање повратни информации од експертите за нашиот Spotify Safety Advisory Council, како Thorn и Diana Award и партнерите во Jed Foundation, Tech Coalition и WeProtect Alliance за да бидеме сигурни дека нашите тимови се во тек со новите закани и техники за ублажување.

Како што се менува пејзажот на безбедноста на децата, ќе продолжиме да ги усовршуваме нашите правила, алатки и способности. Во меѓувреме, продолжи со читање за да дознаеш повеќе за чекорите што може да ги преземеш како родител или старател за да ни помогнеш да создадеме безбедно доживување.

Доживувањето на твоето дете на Spotify

Создавање сметка

Сите корисници мора да го исполнуваат условот за минимална возраст за државата поврзана со соодветната сметка. Ако детето е под минималната возраст за користење на Spotify или не ги исполнува условите од нашите Услови за користење поради други причини, сметката мора да се затвори.

Кога се создава сметка, важно е точно да се наведе возраста на детето. Ова ни помага да се усогласиме со локалните закони и да понудиме доживување на производот што е соодветно за возраста.

Пакети Premium за семејства

На одредени пазари, во моментов ги нудиме следниве доживувања како дел од нашиот пакет Premium за семејства:

  • Spotify Kids е самостојна апликација што нуди подредено доживување и вклучува содржини што може да се посоодветни за помлади деца. За да дознаеш повеќе, кликни тука.

Без разлика дали ќе се одлучиш за пакет Premium за семејства или не, Spotify нуди различни алатки што ти помагаат да го контролираш доживувањето за да биде соодветно за твоето семејство.

Создавање безбедно доживување за твоето дете

Одлуките за тоа кои типови содржини се најсоодветни за твоето семејство може да бидат длабоко лични. За полесно да го приспособиш искуството за семејството, размисли за прескокнување на експлицитните содржини или контролирање на пуштањето на конкретни изведувачи.

Филтер за експлицитни содржини

Создавачите и носителите на правата често ги означуваат содржините што можеби содржат јазик или теми за возрасни како „Експлицитни содржини“ или ја додаваат ознаката „Е“. За прескокнување на содржините означени како експлицитни, може да го следиш упатството тука.

Професионален совет: ако пушташ музика од споделен уред или во присуство на дете (на пример, за време на семејно патување или роденденска забава), вклучувањето на „Филтерот за експлицитни содржини“ може да помогне да се избегнат ненамерни непријатни моменти.

Професионален совет: понекогаш може да се најдат чисти верзии од содржините означени како експлицитни на Spotify.

За да пријавиш песна, поткаст или аудиокнига што не е соодветно означена, контактирај со нас тука.

Контролирање на пуштањето конкретни изведувачи

Може да го контролираш пуштањето конкретни изведувачи на твојот мобилен уред или на мобилниот уред на друг член од пакетот за семејства, така што ќе појдеш до профилот на изведувачот, ќе кликнеш на 3-те точки и ќе избереш „Не пуштај го ова“ во секоја сметка.

Означување содржини со „не ме интересира“

Мобилните корисници може да го користат и копчето „не ме интересира“ за подобра контрола на доживувањата. Содржините за коишто ќе избереш „не ме интересира“ веднаш ќе се отстранат од навестувањето на содржини и нема да се прикажат повторно. И сите други песни/албуми/епизоди од изведувачот/поткастот/серијата ќе се филтрираат од идните препораки.

Пријавување содржини што ги прекршуваат правилата

Сите содржини на Spotify мора да бидат во согласност со локалните закони и со нашите Правила на платформата. Правилава ги има развиено нашиот внатрешен тим експерти за политики за безбедност со повратни информации од доверливи експерти за глобална безбедност, вклучувајќи го нашиот Spotify Safety Advisory Council. Имаме и глобални тимови што работат деноноќно и се грижат содржините навремено да се прегледуваат и соодветно да се реагира.

Нашите правила и пристапот за спроведување не се статични и се развиваат како реакција на променливите трендови на злоупотреба, глобалниот регулаторен пејзаж, новите типови содржини и повратните информации од нашите доверливи партнери за безбедност.

Ако наидеш на содржини за коишто сметаш дека можеби ги прекршуваат нашите Правила на платформата, пријави ги преку формуларов. За да дознаеш повеќе за дополнителните опции за пријавување, посети го нашиот Центарот за безбедност и приватност.

Приватност на Spotify

Посветени сме на заштитата на личните податоци на нашите корисници, вклучувајќи ги децата, и имаме механизми за да бидеме сигурни дека податоците на корисниците се безбедни. Некои од причините за користење на личните податоци се за да нудиме препораки на твојот јазик, да предложуваме поткасти во коишто сметаме дека ќе уживаш или за да ти помогнеме да го откриеш новиот омилен изведувач.

За да дознаеш повеќе за начинот на којшто ги користиме твоите податоци, за твоите права за приватност и за начинот на приспособување на поставките, разгледај го нашиот Центар за безбедност и приватност и прочитај ја нашата Политика за приватност.