Центар за безбедност и приватност

Разбирање на препораките на Spotify

Како функционираат препораките на Spotify?

Во Spotify, цел ни е да создаваме одлични и уникатни доживувања за секој корисник. Целта ни е да ги поврземе сите со тоа што им се допаѓа и да им помогнеме да откријат нешто ново. Нема двајца исти слушатели, па доживувањето на Spotify за секого и многу од препораките се персонализирани. Кога ќе ги прашаат што им се допаѓа кај Spotify, повеќето слушатели ја наведуваат нашата персонализација како омилена функција. Можеби се прашуваш како ги генерираме ваквите препораки за содржините на почетната страница, плејлистите, резултатите од пребарувањата или другите делови од услугата, па сакаме да го демистифицираме начинот на којшто функционираат тие.

Во Spotify, луѓето и технологијата соработуваат за да овозможат релевантни препораки. Некои препораки се засновани на уредничко подредување, како Pop-плејлиста создадена од музичките уредници. Нашите препораки се приспособени за уникатниот вкус на секој слушател, како персонализирана плејлиста овозможена од нашите алгоритми создадени од експерти.

Сметаме дека препораките не треба да бидат оптимизирани само за следното кликнување, туку и да еволуираат со твојот вкус. Имаме посветени тимови што се грижат препораките да ти овозможат соодветна интеракција и да култивираат значајни врски. Секогаш се трудиме да ги подобруваме нашите системи за препораки за да се осигуриме дека ти прикажуваме релевантни содржини во коишто ќе уживаш.

Редакциско подредување

Уредниците на Spotify ги користат увидите во податоците, острото сетило за слух и разбирањето на културните трендови за препорачување содржини коишто веројатно најмногу ќе ги интересираат обожавателите низ светот. Користат смислено подредување за препорачување содржини на Spotify, како во уредничките плејлисти. Насекаде низ светот, уредниците на Spotify имаат длабоки знаења за локалната музика и култура, што им овозможува да носат одлуки за програмирањето, имајќи ги предвид најдобрите доживувања на слушателите.

Персонализирани препораки

Spotify нуди алгоритамски препораки што се релевантни, уникатни и персонализирани за секој корисник. Нашите алгоритми ги избираат и ги подредуваат содржините за доживувањето на секој слушател на Spotify, вклучувајќи ги пребарувањето, почетната страница и персонализираните плејлисти.

За да ги нудиме овие препораки, нашите алгоритми се потпираат на повеќе извори на податоци. Важноста на овие извори на податоци може да се менува со текот на времето, во зависност од поединечното користење на Spotify. Сметаме дека твојот профил на вкусот е најважниот извор на податоци за создавање најдобро севкупно корисничко доживување. Подолу ќе најдеш повеќе детали за најзначајните извори на податоци и за тоа како функционираат.

Твојот „профил на вкусот“

Во текот на интеракциите со Spotify, дејствата како пребарување, слушање, прескокнување и зачувување во „Твојата збирка“ влијаат врз нашето толкување на твојот вкус. Ова го нарекуваме твој „профил на вкусот“ и истиот им укажува на нашите алгоритми што те интересира и како сакаш да слушаш.

  • Пример: ако слушаш одреден изведувач, може да ти препорачаме други песни од изведувачот.
  • Пример: нашата плејлиста „Радар за новитети“ ги препорачува најновите изданија во коишто сметаме дека ќе уживаш, според сличната музика слушана во минатото.
  • Пример: ако слушаш спортски поткаст, може да ти препорачаме други спортски поткасти.

Податоците што ги споделуваш со нас

Препораките се засновани и на податоците што ги споделуваш со Spotify, како општата (непрецизна) локација, јазикот, возраста и луѓето кои ги следиш. Ова им дава сигнали на нашите алгоритми за темите што те интересираат или за изведувачите кои сакаш да ги следиш.

  • Пример: ако следиш одреден поткаст, може да ти препорачаме епизода од поткастот.
  • Пример: ако избереш јазикот за Spotify да биде германски, може да ти препорачуваме поткасти на германски јазик.

Информации за содржините

Нашите алгоритми ги земаат предвид карактеристиките на самите содржини, како жанрот, датумот на објавување, категоријата на поткастот итн. Ова ни овозможува да идентификуваме содржини со слични карактеристики во коишто можеби ќе уживаат сличните слушатели.

  • Пример: ако слушаш многу Pop-музика, може да ти препорачуваме други слични Pop-песни.
  • Пример: ако слушаш многу криминалистички аудиокниги, може да ти препорачаме други криминалистички аудиокниги.

Безбедност на слушателите

Како платформа, го проценуваме влијанието што го имаме врз создавачите, слушателите и заедниците. Spotify се труди да овозможи соодветни безбедносни мерки и процеси, вклучително и мерки за спречување на изложеност на штетни содржини. Сериозно ја сфаќаме алгоритамската одговорност и поттикнуваме соработка помеѓу тимовите за правилата, за производите и за истражувањето, а се консултираме и со надворешни експерти, како Spotify Safety Advisory Council.

Правилата на платформата на Spotify важат за сите содржини на платформата, вклучувајќи ги препорачаните содржини. Внатрешните тимови ги развија ваквите правила со информации од многубројните надворешни експерти. Кога ќе станеме свесни за содржини што потенцијално ги прекршуваат правилата, таквите содржини се прегледуваат во однос на правилата и се презема соодветно дејство. Ваквите дејства, на пример, вклучуваат ограничување на препорачувањето на содржините што ги прекршуваат правилата.

Како можеш да влијаеш врз нештата на коишто се засновани препораките за тебе?

Твојата интеракција со содржините на Spotify постојано влијае врз препораките за тебе. Колку повеќе ги слушаш содржините што ти се допаѓаат и колку повеќе комуницираш со апликацијата, толку повеќе сметаме дека ќе уживаш во препораките.

Ти нудиме и начини на кои можеш да влијаеш и да испраќаш повратни информации за тоа што се прикажува во твоите препораки и за да гледаш помалку од нешто. Подолу се наведени неколку примери:

  • Исклучување од профилот на вкусот: кога ќе исклучиш некоја плејлиста од профилот на вкусот, плејлистата помалку ќе влијае врз идните препораки за тебе.
  • Испраќање повратни информации за препораките: кога ќе допреш [не ме интересира/палец надолу] за одредена препорака на Spotify, ќе добиваш помалку препораки слични на неа.
  • Филтер за експлицитни содржини: кога ќе ги исклучиш експлицитните содржини, сѐ што ја содржи ознаката за експлицитност ќе стане сиво и нема да може да се пушти.

Во одредени случаи, може и да ги организираш и да ги филтрираш препораките според тоа што најмногу сакаш да го гледаш. На пример, можеш да филтрираш само поткасти или само музика на почетната страница.

Како комерцијалните услови влијаат врз препораките?

Spotify му дава приоритет на задоволството на слушателите при препорачувањето содржини. Во одредени случаи, комерцијалните услови, како цената на содржините или можноста за нивно монетизирање, може да влијаат врз нашите препораки. На пример, Discovery Mode им овозможува на изведувачите и на музичките куќи да ги идентификуваат песните што им се приоритетни, а нашиот систем ќе го додаде таквиот сигнал во алгоритмите што ги одредуваат содржините за персонализираните сесии за слушање. Кога изведувачот или издавачката куќа ќе вклучи Discovery Mode за некоја песна, Spotify наплаќа провизија за стримувањето на песната во деловите од платформата каде што е активен Discovery Mode (Discovery Mode не е активен во нашите редакциски плејлисти). Ваквиот сигнал ја зголемува веројатноста дека песната ќе се препорача, но не го гарантира тоа. Ги препорачуваме само песните за коишто постои голема веројатност дека слушателите ќе уживаат во нив. Каков што е случајот со сите препораки, забележуваме кога слушателот нема интеракција со одредена песна – вклучувајќи ги тие од Discovery Mode – и го земаме ова предвид кога одредуваме што да препорачуваме во иднина.